Понуда за промена на условите за сервисирање на кредитната изложеност од страна на корисниците на кредити
09/04/2020

Стремејќи се кон исполнување на основните вредности на Иуте Кредит Македонија Дооел Скопје, и со цел креирање на услови за надминување на потешкотиите на нашите клиенти, преку најкомфорно, најбрзо излегување во пресрет на секој поединечен клиент, особено во овој кризен и тежок период предизвикан од пандемијата на вирусот COVID – 19, а преку почитување на последното, но можеби најважно начело на Иуте Кредит – „Да се биде човек“, Иуте Кредит Македонија Дооел Скопје, на ден 09.04.2020 се огласува со понуда до своите ценети клиенти – физички лица.
(1) Понудата е со следните карактеристики:
(1.1) Се однесува на клиенти на Иуте Кредит Македонија Дооел Скопје, кои се корисници на кредити по договори за кредит кои се склучени заклучно со 31 март 2020 година и кои договори за кредит се во важност, односно до 31 март 2020 година не се раскинати или истечени.
(1.2) Во периодот од 1 април до 30 јуни 2020 година на корисниците на кредит им се овозможува плаќање на обврските на име месечен ануитет за месеците април, мај и јуни 2020 година во висина од 30% од износот на редовниот месечен ануитет. Плаќањето на обврските за редовните месечни ануитети за периодот до 31 март 2020 година е согласно условите предвидени во договорите за кредит.
(1.3) На намалениот износ во висина од 70% од износот на редовниот месечен ануитет нема да се пресметуваат и наплатуваат надоместоци, трошоци, провизии и/или казнени камати;
(1.4) Периодот на отплата, односно рокот на плаќање на обврските по основ на договорите за кредит се продолжува за период од 90 дена, а обврската за плаќање на помалку платениот износ од ануитетите во висина од 70% од износот на редовните месечни ануитети согласно од точка 1.2 за месеците април, мај и јуни 2020 година се одложува согласно пролонгираниот рок за плаќање и ќе се распредели рамномерно во месечните ануитети после 30 јуни 2020.
(1.5) Доколку клиентот користи повеќе кредити, истиот се стекнува со право да ја користи предложената промена на договорни услови за секој склучен договор за кредит поединечно.
(1.6) Понудата е неделива и важи само со кумулативно исполнување и прифаќање на сите погоре наведени услови за секој поединечен Договор за кредит. Сите останати договорни одредби од постоечкиот договор, кои не се опфатени во оваа понуда, остануваат во важност за цело времетраење на Договорот.
(2) Објавување на понудата:
Оваа Понуда се објавува на интернет страната на Иуте Кредит Македонија Дооел Скопје со што се смета за доставена до должниците на финансиското друштво и дека истите се запознаени со нејзината содржина и правните последици кои ги предизвикува.
(3) Важност на Понудата.
Оваа понуда важи 10 дена од нејзиното објавување на интернет страната на Иуте Кредит Македонија Дооел Скопје www.iutecredit.mk, и завршува последиот ден од десет дневниот рок на важење односно на 19.04.2020.
(3.1.) Прифаќање на понудата:
Доколку корисниците на кредит на кои им е упатена оваа понуда, во периодот од десет дневниот рок на важење, а најдоцна до 19.04.2020, не го известат Иуте Кредит Македонија Дооел Скопје дека ја одбиваат понудата, се смета дека истата ја прифатиле. Со прифаќањето на понудата, се смета дека договорните услови се променети според условите предвидени во понудата.
Корисниците на кредит кои се смета дека ја прифатиле понудата имаат право во периодот од 1 април до 30 јуни 2020 година да вршат уплати во висина на редовните месечни ануитети согласно динамиката утврдена со договорот за кредит и ануитетниот план, и во висина поголема од 30% од износот на редовниот месечен ануитет. Секоја ваква уплата на корисниците на кредит кои ја прифатиле понудата ќе се смета за отплата на редовниот ануитет во целост или делумно, соодветно на уплатениот износ, со што износот кој би се одложил за плаќање во периодот после 30 јуни 2020 година соодветно се намалува.
(3.2.) Одбивање на понудата:
Корисниците на кредит кои ја одбиваат понудата потребно е писмено на адреса ул. 1732 бр.4, комплекс Парк Резиденс, ламела А, 1000 Скопје или по електронски пат на следната адреса за електронска пошта info@iutecredit.mk да го известат Иуте Кредит Македонија Дооел Скопје во периодот од десет дневниот рок на важење на оваа понуда, а најдоцна до 19.04.2020. Известувањето за одбивање на понудата треба да содржи:
- Име и презиме на клиентот,
- Датум на раѓање на клиентот,
- Број на лична карта
- Број на кредитот на кој се однесува одбивањето на понудата
Корисниците на кредит кои ја одбиле понудата ќе продолжат да вршат уредна отплата согласно динамиката утврдена со договорот за кредит и ануитетниот план;
Корисниците на кредити кои до 31 март 2020 година во целост и навремено ги плаќале своите обврски согласно договорите за кредит и кои во периодот од 1 април до 30 јуни 2020 година редовно ќе ги отплаќаат кредитите, без оглед дали ја прифатиле понудата, се подобни за користење на поволности во однос на отплатата на кредитот кои можат да им бидат обезбедени од финансиското друштво.
(4) Трошоци и правно дејство на понудата:
Во случај на промена на условите во договорот за кредит, согласно прифатената понуда, променетите услови ќе важат спрема корисникот, солидарните должници и заложните должници без склучување на нов договор/анекс кон договорот. Правното дејство на променетите услови од оваа Понуда се однесува и на целокупната договорна пропратна документација, сите нотарски исправи и обезбедувања и тоа без склучување на нови договори/анекси кон постоечки договори, нотарски исправи и останати инструменти на обезбедување, како и без да се врши промена на веќе запишаните податоци во јавните книги и регистри.
Оваa понуда нема да предизвика било какви дополнителни трошоци за корисниците на кредит, и ќе се изврши без доставување и потпишување на дополнителна документација од страна на корисниците на кредит.