Можноста да учествуваме во создавањето на јавните површини ја буди општествената свест кај секој од нас
24/03/2021

Ерор Колектив е заедница на млади креативци кои со својот уникатен пристап и креативна мисла целат кон тоа да го променат начинот на кој гледаме на уметноста. Токму тоа се обидовме да го направиме и со нашиот последен заеднички проект – конкурсот за идејно архитектонско решение инспирирано од логото на Иуте кредит – на кој добивме одлични проекти од нашите млади архитекти. Повеќе за овој проект и неговата крајна реализација дознајте од нашиот разговор со Илија Стефановски и Тамара Забазновска од Ерор Колектив.
Што е Ерор Колектив?
– Инспирирани од констуктивистичката/супрематистичка уметност, користејќи го името [0.10] се повикуваме на основен принцип на мисла: нула, бидејќи таа дава можност за нов почеток, за рестарт на начинот на функционирање како индивидуи и во рамки на колективот. За идеата да се пренесе до луѓето, формата на израз на невидливиот свет во рамки на градот е прикажан преку видео, фотографија, облека и интервенции во урбаниот простор. Тоа е основа за понатамошен раст на локалната сцена преку поддршка на млади таленти и соработка со интердисциплинарни уметници, дизајнери, креативни умови. Физичкиот простор е лоциран во Дебар Маало и претставува хибрид од концепт/скејт продавница со рампа за скејт, дел за сместување на гости и простор за изложување и евенти, во кој исто така можете да појадувате или да се напиете и да поминете време со пријателите.
Во декември минатата година го објавивме конкурсот за идејно архитектонско решение инспирирано од логото на ИутеКредит. Како сте задоволни од одзивот и квалитетот на добиените понуди?
– Она кое ни е многу драго е посветеноста на голем број апликанти кои се приклучија кон градење на приказната за интерактивен простор во корелација со симболот на ИутеКредит. Особено интересен беше пристапот кон трансформација на самото лого во содржина со функција на урбана опрема. Конкурсот покажа дека има многу млади таленти и идеи кои допрва ќе ги видиме.
На крајот, сепак, две решенија се издвоија од другите, а тоа е концептот „Одмор и вело паркинг„ на младите студенти по архитектура Иво Лазароски и Стефан Жупан и концептот „Иуте Оригами“ на архитектот Вероника Османли. Што е тоа што ви остави најголем впечаток од двата проекти?
– Двете решенија се издвоија со својот пристап, начин на размислување и давање ново значење на ИутеКредит логото. „Одмор и вело паркинг“ создава простор/и кои би ги уживале граѓаните во рамки на 7 локации низ градот преку пресек на формата на логото и нејзина репликација со што создава нови геометриски форми. Односно со употреба на еден симболичен дел од веќе постоечка форма успева да изгради нови урбани структури. Додека „Иуте Оригами“ прави трансформација на формата во основа и нејзино преклопување во хоризонтала и вертикала со што креира елементи во функција на граѓаните и градот.
Двете најдобри решенија ќе бидат имплементирани на локации во близина на експозитурите на Иуте Кредит низ Македонија. Што може да очекуваат нашите клиенти и случајните минувачи?
– Пред се визуелна точка која ќе го примами погледот на минувачот, архитектонски елемент со функција седење, одмор, точка на средба, простор за велосипед… можностите се онолку колку и идеите на корисниците.
Дали сметате дека ваквите општествено одговорни проекти на компаниите се добар модел за во иднина?
– Општествената и колективна одговорност нуди одлично тло за понатамошен континуиран развој, функционално и естетско дополнување во градот на содржини кои се неопходни за сите нас, истовремено ненаметливи и спонтани. Во време кога индивидуалното е толку истакнатно, а колективното толку неопходно, овој тип на проекти се одличен модел за заедничко функционирање. Давањето шанса да граѓаните ги креираат просторите кои тие самите ги користат, не само што ја буди општествената свест кај истите, туку и самите компании имаат шанса да уште повеќе допрат и се поврзат со своите клиенти, а и самите да бидат директно инволвирани во формирањето на својот град.
Кои се вашите планови и идни проекти за 2021 година?
– Учество во проекти за создавање функциониални простори за секојдневна интеракција со околината, организација на настани и работилници за едукација и заживување на истите и соработка со креативци и уметници од сите возрасти со цел создавање на похумано и пофункционално општество.